Трговскиот центар Capitol Mall & Residence лоциран во скопската населба Аеродром, денеска свечено ќе биде отворено. На свеченото отворање, како што најавуваат од компанијата инвеститор, ќе присуствуваат претставници на државната власт, на локалната самоуправа, на дипломатскиот кор, на домашната и меѓународната бизнис заедница, на медиумите, како и сите заинтересирани граѓани.
Лоциран во срцето на Скопје, во населбата Аеродром, Capitol Mall & Residence се простира на вкупна изградена површина од 33.500 м2. Од нив, 12.500 м2 се наменети за шопинг центарот сместен на првите четири нивоа, а 6.000 м2 се одвоени за резиденцијалниот – станбениот дел на горните четири катови. Паркинг просторот е на три нивоа под земја, со вкупна површина од 15.000 м2.
Шопинг центарот Capitol Mall е составен од 62 локала, со модерни бутици од познати интернационални, регионални и локални брендови, ресторан и фаст фуд дел, детски центар и места за забава за посетителите од сите возрасти.
Инвестицијата за Capitol Mall & Residence изнесува 30 милиони евра. Тоа е македонска инвестиција, на инвеститорот Сити Плаза ДОО Скопје, поддржана од домашните банки. На изградбата на објектот беа вработени над 250 работници, од преку 50 компании (изведувачи и подизведувачи), повеќето од земјава и неколку од странство. Со отворањето на Capitol Mall & Residence, воедно, се отвораат и преку 500 нови работни места од повеќе индустрии.