Три деца загинале во вчерашното ракетирање на регионот Тиграј

Три деца загинаа, а едно е повредено во вчерашниот воздушен напад врз главниот град на етиопската област Тиграј, соопштија Обединетите нации.

-Здравствените работници наведуваат дека децата се убиени во нападот врз предградието на Мекеле, изјави Јенс Лерке, портпарол на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦА), на прес -конференција во Женева, пренесуваат британските медиуми.

Лерке додаде дека во втор воздушен напад врз градот повредени биле девет лица, а повеќе куќи и хотел биле оштетени.

-Оваа ескалација на конфликтот е многу алармантна, рече тој.

Бунтовничките сили на Тиграј ја обвинија етиопската Влада дека вчера извршила воздушни напади врз Мекеле и иако владин претставник првично ги негираше нападите, еден државен медиум подоцна објави дека воздушните сили сепак извеле напад врз градот.