Три години затвор за навивач на Хофенхајм за фрлeна петарда

Судијата на окружниот суд во Аугсбург осуди 28-годишен навивач на Хофенхајм на тригодишна затворска казна, бидејќи во ноември 2023 година фрлил петарда на натпреварот од Бундеслигата меѓу Аугсбург и Хофенхајм при што беа повредени десетина луѓе, меѓу кои и деца.

„Тоа не беше нормален случај на употреба на пиротехнички средства на германски стадион. Тоа беше голем инцидент со експлозивна направа, поради што 26.000 луѓе во Аугсбург стравуваа од терористички напад“, рече претседавачкиот судија Криштоф Керн.

Натпреварот меѓу Аугсбург и Хофенхајм мораше да биде прекинат, делумно за да им се помогне на повредените.

Државниот правобранител побара затворска казна од четири години и 10 месеци за „особено несовесно“ дејствие и нанесување тешка телесна повреда, при што беа повредени деца, само затоа што обвинетиот сакал да привлече „максимално внимание“.

Обвинетиот неколкупати се извинуваше за своите постапки. „Тоа беше едноставно глупаво“, рече мажот на крајот од судењето.

Платил отштета на жртвата која најверојатно цел живот ќе страда од тинитус.

Неговиот бранител побара условна затворска казна од две години. Адвокатот истакна дека 28-годишникот веќе бил во притвор повеќе од пет месеци.

Уште три лица се обвинети за помагање на обвинетите и се осудени на условни затворски казни.