
Инспекциите во Скопје вчера затвориле четири објекти – три се угостителски кои работеле по 21 часот, а интервенирано е и во јога-студио каде што казната не е за пречекорување на работното време, туку за групирање повеќе луѓе на едно место.
-Инспекциите синоќа, посебно од одделението во Скопје, имаа полни раце работа. Трите угосителски објекти се фатени дека работат во 23, 23:30 и 24 часот, а кај еден имаме и кинење пломба пред да му истече рокот за затворено и отворил повторно. Тоа е објект во Чаир, кој повторно е затворен, направен е записник и поднесена е кривична пријава за кинење службен печат од институција, рече Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат на прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Во локалот „Мош“, кој бил отворен иако привремено запечатен, интервенирала и полицијата. Сè што таму затекнале инспекторите, посочи Пауновски, е заведено во записникот, а за навредите што им биле упатени, рече, инспекторите се веќе навикнати.