Три лица убиени во „инциденти“ во англиски Нотингем

Британската полиција објави дека три лица се пронајдени мртви во вторникот во градот Нотингем, во централна Англија, како и дека еден маж е уапсен под сомневање за убиство откако со комбе сакал да прегази уште три лица.

Полицијата објави дека две лица се најдени мртви во центарот на градот, кусо по 4 часот утрото, пред полицијата да биде известена за уште еден инцидент недалеку од градот каде што комбе се обидело да прегази три лица. Тие се префрлени на лекување во болница. Уште еден маж е пронајден мртов на друга сообраќајница надвор од центарот на градот.

„Ова е ужасен и трагичен инцидент кој ги однесе животите на три лица. Веруваме дека сите овие три инцидента се поврзани и имаме човек во притвор. Истрагата е во раната фаза и тим детективи работи на утврдување што точно се случило“, изјави шефицата на нотингемската полиција Кејт Мејнел.

Поради сомневање дека сторил убиство, уапсен е 31-годишен маж кој е задржан во полициски притвор. Повеќе сообраќајници се затворени, а локалната трамвајска мрежа во Нотингем е запрена додека полицијата го истражува случајот.