Три милиона Американци секој ден носат наполнето оружје

Три милиони Американци, повеќето млади мажи кои живеат на југот од САД, скојдневно носат наполнето огнено оружје, а како причина за тоа ја наведуваат личната безбедност, покажува студијата објавена во билтенот Американски дневник за јавно здравје (American Journal of Public Health).

Доколку носењето оружје се мери на месечно ниво, споменатата бројка достигнува девет милиони, се наведува во првото истражување за навиките на Американците во однос на оружјето спроведена по дваесет години.

Соединетите држави се земја со најголем број масакри извршени во училишта и други образовни институции, на концерти и на работните места, истакнуваат авторите на студијата.

„Беше важно да се проучи ова прашање, бидејќи околу 90 отсто од сите убиства и агресии без смртни последии, во случај кога оружјето ќе биде идентификувано, се извршуваат со лично оружје. Тоа е првиот важен чекор во проучувањето на последиците од носењето огнено оружје на национално ниво“, вели професорот Али Роувхани-Рахбар, асистент за епидемилогија на факултетот за јавно здравство на Универзитетот во Вашингтон.

„Студијата дава точна процена за таквото однесување и донесува приказ на типовите луѓе коишто избираат да се движат носејќи пиштол“, додава Роувхани-Рахбар.

Податоците за потребите на истражувањето се собирани во текот на 2015 година, а со нив се опфатени 1.444 сопственици на огнено оружје, што се смета за репрезентативен примерок на американско национално ниво.

„Во споредба со сопствениците на оружје коишто не го носат со себе, овие коишто тоа го прават се главно помлади луѓе, претежно мажи и живеат на југот на САД, а растеле во домови каде што имало оружје, политички се вбројуваат во конзервативците и поседуваат повеќе од едно парче оружје“, наведуваат авторите.

Студијата од 2015 година открива дека повеќе од 80 отсто од американските сопственици на огнено оружје коишто го носат постојано, поседуваат дозвола за носење оружје, но таа дозвола не им дозволува да го носат видно истакнато.

Две третини од испитаниците во споменатото истражување наведуваат дека секогаш го носат оружјето сокриено, а 10 проценти дека го носат видливо истакнато.