Одлуката на Владата – да издвои 3 милиони евра за да ги ослободи од наплата на патарина 200.000 возила од Србија, според коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива е скандалозна. Според Аљбон Џемаили, донесената одлука е пристрасна, бидејќи жителите од Полошкиот регион секој ден плаќаат патарина за само 3 километри пат.
„Оваа одлука е неправедна и за жителите на овие села бидејќи плаќаат за три километри поминати пат, а другите ќе бидат ослободени. Оваа одлука, која дојде како последица на неспособноста на Владата за обезбедување на вакцини, е со цел плаќање на милостината на Србија. Мислам дека имаме добри односи со сите земји, не само со Србија. Сметам дека со ова се дискриминираат останатите држави“, рече Аљбон Џемаили од Алијанса за Албанците.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски рече дека бројката на картички за патарините достигнала до 200.000 пресметувајќи го бројот на возилата кои поминале преку граничните премини од 2019 година.
Како што велат од Владата, на српските туристи ќе им се издаваат електронски картички со кои ќе ги поминуваат патарините. Ова важи само за нивниот транзит кон Грција. Но, доколку одат во Охрид, српските туристи ќе ги платат патарините. Инаку, одлуката доаѓа откако Србија ѝ донираше на Македонија пакет од 4.680 вакцини во период кога во нашата земја немаше ниту еден вакциниран, а подоцна дозволи и наши граѓани да се вакцинираат во Врање и Ниш.