Три можни локации за изградба на нов клинички центар, најави министерот Сали

„Клиничкиот центар е проект за кој се зборува веќе 17 години. Од првата недела кога стапив на функцијата кажав дека едно од можните решенија за сите проблеми со кои се соочуваме во здравството, е изградбата на новата Универзитетска клиника во Скопје што ќе биде супституција на постоечката. Таа би придонела во забрзување односно навремено дијагностицирање и третман на пациенти“, истакна денеска министерот за здравство Беким Сали. Тој рече дека локацијата засега сѐ уште останува Ѓорче Петров, Илинден и уште една трета, во која има веќе постоечка болница со надградување и проширување на дејноста.

Според него, сите проблеми нема да ги реши само градбата, туку и организацискиот дел, споеноста на клиниките, а конзилијарната соработка меѓу клиниките би придонела за навремено дијагностицирање и третман.

„Имаме реални маки во препраќање на пациенти од една клиника во друга. Иницирав работна група и од опозиција и од позиција. Во политичкиот дел имаме усогласеност меѓу сите чинители, што сметам дека во минатото била главна пречка за нереализирање на проектот. Меѓутоа, сѐ уште не сме дојдени во фаза на локација, износ, содржина на таа клиника, величина, а и локациите не ги знаеме сто отсто. Една од опциите е касарната „Илинден“. Која од локациите ќе биде одредена, зависи, освен политичкиот дел што сметам дека не е главен, и од катастарските услови“, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на новиот линеарен акцелератор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Тој појасни дека клиничкиот центар треба да се изгради на локација со веќе постоечка логистика, за да нема потреба од дополнителни средства.