Светската здравствена организација (СЗО – WTO) објави ажуриран план за Covid-19, во кој се наведени три можни сценарија за пандемијата до крајот на оваа година.
Директорот на СЗО, Тедрос Адeном Гебрејесус, смета дека најверојатно е оти сериозноста на болеста ќе се намалува со текот на времето.
„Врз основа на она што сега го знаеме, најверојатното сценарио е вирусот што предизвикува Covid-19 да продолжи да се развива, но сериозноста на болеста што ја предизвикува ќе се намалува со текот на времето поради зголемувањето на имунитетот од вакцинација и заболување“. рече Гебрејесус.
Обновениот план за стратешка подготвеност и одговор ги прикажува стратешките прилагодувања што секоја земја треба да ги направи за да го спречи ширењето на коронавирусот, да го намали влијанието на коронавирусот и да стави крај на глобалната вонредна состојба.
Сепак, челникот на СЗО предупреди дека повремено зголемување на бројот случаи и смртни исходи од коронавирусната болест може да се случи кога имунитетот паѓа, што би можело да бара периодични засилувања за ранливите популации.
Зборувајќи за второто и третото сценарио, Тедрос рече дека или ќе се појават помалку сериозни варијанти, па нема да бидат потребни бустери и нова вакцина или ќе се појави повирулентна варијанта, па заштитата од претходна вакцинација или инфекција нема да биде доволна.
Ова е трет план за стратешка подготовка, подготвеност и одговор на СЗО, а Тедрос верува дека ќе биде последен.
Првиот план беше објавен во февруари 2020 година на самиот почеток на пандемијата.