Три предлози се на маса – Нова, Севена и Горна Македонија

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, вели дека преговорите за името не се пропаднати и прашање на денови е кога ќе бидат надминати преостанатите проблеми.

„Секако, никогаш не вели никогаш. Сè додека не се потпише договорот, нешто што верувам дека ќе биде во наредните неколку дена, потребно е малку трпение“, изјави Коѕијас во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ. Тој откри дека од петте предлози на посредникот Метју Нимиц, три сè уште на маса: Нова Македонија, Северна Македонија и Горна Македонија.

Коѕијас исто така изјави дека македонската влада не го прифаќа името Вардарска Македонија бидејќи, вели тој, смета дека се однесува на ерата на фашизмот и окупацијата. За македонскиот јазик грчкиот шеф на дипломатијата рече дека бил официјализиран уште во 1977 година на конференцијата на ООН, што се одржала во Атина.

На прашањето зошто и натаму се одложува телефонскиот разговор меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, Коѕијас изјави дека по рамката за договор што беше утврдена на неговите средби со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во Њујорк и Брисел, сега дојде време да се каже големото „да“ или големото „не“.

„Очигледно владата на соседната земја се соочи со некои тешкотии и размислува за некои ревизии на договорот, но верувам и се надевам дека за неколку дена сè ќе се надмине“, рече Коѕијас. Тој додаде оти сè додека нема потписи на договорот, никој не може да каже дека сè е готово.