Три приватни авиони приземјени во акција на Царината, цели 12 години не биле царинети – Буџетот оштетен за околу 300.000 евра

Новото раководство во Царината засега покажува сериозни индиции дека навистина е подготвено за бескомпромисно спроведување на законските одредби. За тоа говори и последната акција во Гевгелија и Струмица каде по налог на специјализираното Обвинителство за гонење организиран криминал беа приведени 30 лица, осомничени за противправни дејствија на граничните премини на југот од земјата.

Очигледно е дека се работи на повеќе фронтови.

Така, во една вонредна контрола на спортскиот аеродром „Стенковец“, царинските службеници на лице место константирале дека три воздухоплови, сопственост на фирмата на еден познат македонски бизнисмен, не се царинети цели 12 години, дознава НетПрес.

Според првичните проценки станува збор за штета на државниот буџет од околу 300.000 евра, само по овој основ.

И покрај влијанието на бизнисменот, царинските службеници останале доследни и веднаш ги приземјиле трите негови воздухоплови. Фирмата во чија сопственост се овие воздухоплови е основана во 2010 година.

Без разлика што авионите се користат за приватни цели, се покренува прашањето дали истите биле внесени врз основа на веродостојни податоци во регистарот на воздухоплови, кој е во надлежност на Агенцијата за цивилно воздухопловство?

Во врска со случајот испративме прашања до Царинската управа, од каде за НетПрес соопштија дека во текот на денот дополнително ќе информираат за случајот.