Три тела со прострелни рани најдени на југот на Австрија

Телата на маж и на две жени со рани од огнено оружје се откриени во вторникот ноќта во изолирана куќа на југот од Австрија, стои во соопштението на полицијата издадено во средата.

Полицијата добила дојава за исчезнат маж, откако тој претходно во вторникот не се појавил на работното место. Со помош на пожарникарите, полицајците стасале до куќа во округот Мурау, во сојузната покраина Штаерска, каде ги пронашле трите тела со прострелни рани од куршуми.

„Не е исклучена одговорноста од трети лица“, соопшти локалната полиција и додаде дека истрагата е доверена на регионалната криминалистичка полиција, а обвинителството е задолжено за резултатите од обдукцијата.

Официјално не се открива идентитетот и возраста на жртвите. Според првичните сознанија на медиумите, двојка се наоаѓала во својата куќа. Нивниот однос со третата жртва сѐ уште не е познат.

Австриските медиуми пишуваат и дека станува збор за учител, негова поранешна партнерика и германска туристка, но полицијата не ги потврдува тие наводи.