Три успешни трансплантации од починат донор направени на клиниките за кардиохиругија и урологија

Успешно е завршена и трансплантацијата на вториот бубрег кај 40-годишен пациент. Донор е 20-годишната Верица Белчовска, која загина во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство одлучи да ги донира органите.

Во текот на ноќта и претпладнево успешно беа завршени трансплантацијата на срце кај 22 годишено момче, трансплантацијата на првиот бубрег кај 27-годишен пациент, а за првпат во историјата на македонското здравство е извршена и експлантација на коски и коскени ткива од починат донор кои од понеделник ќе бидат аплицирани кај пациенти.

Ова е втора трансплантација на срце извршена од починат донор во земјава. Трансплантацијата е направена од тимови од Државната клиника за кардиохирургија и од Клиниката „Жан Митрев“.

Сочувство до семејството на донорот денеска изрази таткото на 22-годишното момче Иле Стрезовски, на кое во раните утрински часови му беше трансплантираното срцето од 20-годишната Белчовска.

– Мојот син успеа преку нејзините родители да добие срце. На мојот син му го продолжи животот. Тој боледуваше од јануари од слабо срце. Разговаравме со синот добро се чувствува, се е супер. Голема благодарност до целиот тим на Кардиохирургија на чело со доктор Сашко Јовев и голема благодарност до министерот Венко Филипче, изјави Стрезовски.

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека трансплантацијата на срцето поминала добро и оти целокупниот оперативен процес поминал без никакви проблеми. Пациентот, како што изјави Филипче, се чувствува добро и сите параметри се добри.

– Сакам да изразам благодарност и да честитам на сите членови на тимот кои работеа до раните утрински часови. Бубрезите ги добија уште еден 27 и 40-годишен пациент, а за следната недела се планира имплантација на дел од коскениот систем кај пациенти кои страдаат од малигни болести и дел од коските се зафатени со метастаза, изјави Филипче.