Три жртви по пад на индиски борбен авион врз куќа

Три лица загинале откако борбен авион на индиските воздухопловни сили во понеделникот паднал на покрив од куќа во село во северната погранична сојузна држава Раџастан, соопшти армијата.

Пилотот на авионот „Миг-21“ успеал да се катапултира, се наведува во соопштението на индиските воздухопловни сили.

„Авионот се урна врз куќа во Балол Нагар во округот Ханумангарх и тоа, за жал, предизвика загуба на три човечки животи“, се истакнува во објавата.

Пилотот безбедно се катапултирал и притоа се здобил со полесни повреди, наведуваат воздухопловните сили додавајќи дека е покрената истрага по несреќата.

Индија планира до 2025 година да ја приземји целата флотила борбени авиони од советскиот период, беше објавено минатата година.

Авионот од типот „МиГ-21“, кого индиските медиуми изминатите години го нарекоа „летачки мртовечки ковчег“, беше клучниот борбен авион во земјата од неговото прво преставување во 1963 година. Но застарената технологија, којашто веќе и не може да се надградува, ниту поправа, предизвикува повеќе смртоносни инциденти.