Три жртви во бурата Елеонора во западна Европа

Бурата Елеонора преврти вагон во Ленк, централна Швајцарија, при што полесно се повредени седум лица

Бурата Елеонора, четвртата којашто ја погоди западна Европа од декември, со ветар со јачина до 160 километри на час, предизвика смрт на едно лице во Франција, и двојка во Шпанија, како и 26 повредени лица во овој дел од континентот.

Жестоките налети на ветрот и дожд ги зафатија Англија, Ирска, Швајцарија, Германија, Белгија, Холандија, Франција и брегот на Шпанија.

Двојка Шпанци загинале во средата кога ги однел во морето голем бран додека стоеле на браната во крајбрежно село во Баскија. Во француските Алпи, пак, 21-годишен скијач загинал во пад на дрво на скијачката патека во Миријон.

Во бурата се повредени и 26 лица, од кои четири тешко во Франција каде што аеродромите се парализирани а железничкиот сообраќај е во застој. Во средата ноќта околу 35.000 домови сѐ уште немаа струја.

Во централниот дел на Швајцарија осум лица се повредени при излетување на вагон од шините во Ла Ленк, поради силен налет на ветерот. Во кантонот Фрибург, на западот од земјата, неколку покриви од приватни и јавни објекти се урнале, при што сепак немало повредени.

Во Холандија првпат во историјата сите пет брани коишто ја штитат земјата од водите на Северното Море привремено се затворени од средата попладнето за да се избегнат поплави.

Поради особено интензивните налети на ветер, воздухопловниот сообраќај е нарушен во неколку земји и во четвртокот. На парискиот аеродром „Шарл де Гол“ 60 отсто од летовите доцнеа при заминувањето во 9 часот утрово, а третина при дојдовните летови.