Одлична игра и позитивен резултат во пријателскиот дуел против фаворизираната селекција на Камерун најави и крилниот напаѓач на фудбалската репрезентација на Македонија, Иван Тричковски.
„Камерунската репрезентација се подготвува за Светското првенство и веројатно нивната цел во подготвителниот период ќе биде со позитивни резултати на ваков тип натпревари да ја подигнат самодовербата пред настапот на мундијалот. За нас, периодот е подготвителен пред септемвриските квалификации, работиме со нов селектор, во тимот има неколку нови играчи, се адаптираме на новите услови и методи на работа со цел подготвено да ги дочекаме важните натпревари. Против Камерун и Катар ќе бидеме максимално сконцентрирани да оствариме позитивен резултат и се надевам дека ова е почеток на една нова генерација која и во однос на атмосферата и во однос на резултатите ќе биде на повисоко ниво. Условите тука се одлични, тренинзите исто така, ни преостанува да се прикажеме во вистинско светло и да се бориме за позитивен резултат”, изјави Тричковски за сајтот на ФФМ.