Тридневна жалост од утре во Црна Гора поради трагедијата во Цетиње

Црногорскиот премиер Гора Милојко Спајиќ вечерва пристигна во Клиничкиот центар на Црна Гора каде се лекуваат тешко ранетите по денешниот масакар во Цетиње, во кој се убиени седум лица, меѓу кои и две деца, а четворица се борат за живот.

„Страшна трагедија која нè погоди сите во Цетиње, односно селото Бајице. Сите екипи, специјалци, сè што е на располагање во Подгорица е во Цетиње и на добар пат сме да го најдеме. Имаме четири тешко повредени и лекарите се борат за нивните животи. Се надеваме дека ќе се извлечат“, изјави црногорскиот премиер.

Рече дека на итен електронски состанок на владата одлучиле дека од четвртокот ќе биде прогласена тридневна жалост во Црна Гора. Додаде дека вечерва е откажан концерт во Подгорица и се замолени и другите општини да се придружат.

Вечерва и во Котор и во Будва се откажани сите планирани новогодишни концерти.

„Треба да се запрашаме кој може да има оружје во Црна Гора, мора да се заострат критериумите и казните. Многу е важно што имаме хроничен недостиг од полицајци и тоа мора итно да се реши. Граѓаните треба да ги слушаат советите на полицијата и да останат во своите домови, но, нека се чувствуваат безбедно, сите наши луѓе се на терен. Имаме апсолутна координација. А војската е на готовност, очекуваме сторителот веднаш да биде фатен“, рече Спајиќ.

„Тоа значи дека сторителот нема потекло од криминалното милје. Имаше тепачка во кафеана каде се употребија пиштоли и сè тргна во погрешна насока“,  изјави Спајиќ.

Црногорските медиуми  објавија дека поради недостигот од полицајци во Цетиње во градот се упатени полицајци од Подгорица.

„Полицијата ги презема сите активности од нејзина надлежност со цел лоцирање и ставање под контрола на лицето, а на терен се сите расположливи организациски единици на полицијата, вклучително и Специјалната полициска единица. Напоменуваме дека лицето е вооружено и опасно, и уште еднаш директно апелираме до граѓаните на Цетиње да бидат присебни и да останат во своите станбени објекти и да не пуштаат непознати лица во своите домови, додека полицијата ги презема сите мерки и дејствија со цел нивна заштита и кривично гонење на сторителите. на овој настан“, се вели во соопштението.