Пеце Мирчески доби 30-дневен притвор, откако судија на претходна постапка при основниот Кривичен суд Скопје постапи по предлогот на ОЈО за овој поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на владата.
По предлог на ОЈО за определување мерки за обезбедување против едно лица поврзано со истрагата за Службата за општи и заеднички работи при Влада на РСМ, по произнесување на осомничениот во присуство на негов бранител и Јавниот обвинител, судијата донесе решение со кое:
Се прифаќа предлогот на Јавниот обвинител и на осомничениот П.М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и можност да ја попречи истрагата со влијание врз сведоците.
Воедно прифатен е и предлогот за определување мерки за претпазливост против Г.П. согласно чл. 146 ст. т1,2,3 и 6 односно Одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, Забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, Обврска да се јавува во судот, Забрана за воспоставување комуникација со други лица поврзани со кривичното дело.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Обвинителството покрена истрага против Мирчески за примање поткуп и злоупотреби во службата. Како директор, примил возило од рент-а-кар фирмата која добивала тендери со негова согласност. Неговата сопруга, дополнително, користела услуги за превоз со возила и возачи, а Мирчески во патување до Софија, сам се потпишал како новинар.