
Триесетдневен притвор за кумановецот што се товари дека запалил 11 автомобили во текот на ноќта помеѓу понеделникот и вторникот. Триесет и седум годишниот З.М. е осомничен дека ги запалил 11-те возила во градот.
Како што соопшти денеска Основното јавно обвинителство од Куманово, З.М. е осомничен дека сторил тешки дела против општата сигурност односно дека на четири локации во Куманово запалил единаесет возила на различни сопственици, при што користел запалка и ги потпалувал возилата кај регистарските таблички, пренесува МИА.
Лицето било приведено во кумановската полиција. Со него бил направен службен разговор, по што З.М е предаден во ОЈО Куманово, каде што е извршен распит.
Кумановецот го признал делото и навел дека возилата ги палел по случаен избор, без одредена цел. З.М бил во алкохолизирана состојба и претходно бил осудуван за семејно насилство.