Осомничениот за трикратното убиство во Кавадарци, е на пат кон велешкиот суд каде треба да почне распитот за мотивите поради кои смртно ги застрела најблиските роднини на својата сопруга, објави Канал 5.
Осомничениот Тони Станоев беше уапсен на градските гробишта, каде што неофицијално, дошол да ја убие сопругата мислејќи дека вчера ќе се одржи семејниот погреб..
Во акцијата беа вклучени голем број на полицајци. Очевидци на апсењето биле десетици граѓани што дошле на погреб на постара кавадарчанка, како и лица што биле во близина на гробиштата.
– Носеше сиво палто, капа и чизми. Беше на неколку метри од нас. Додека трчаше наоколу, не му го видовме пиштолот, но пред да го уапсат петнаесетина метри од капелата, го извади оружјето меѓу надгробните споменици. Викаше „не приближувајте се, ќе пукам“- вели очевидец за Канал 5.
Тогаш еден од полицајците му довикнал на Станоев да го фрли пиштолот и да се предаде, заканувајќи му се дека ќе пука, по што се слушнале неколку предупредувачки истрели. Кога убиецот видел дека нема каде да бега и оти е опколен од сите страни од полицајци, го фрлил пиштолот и се предал.