Како во некоја од епизодите на политичката драма „Борген“, данската премиерка Мете Фредериксен се бори да опстане на власт во вторник на парламентарните избори, на коишто на крајот најмногу полза може да има аутсајдерот.
На политичката сцена поделена меѓу 14 партии, анкетите покажуваат дека ниеден од двата главни блока не може да освои мнозинство од 90 мандати во данскиот парламент Фолкетинг со 179 места.
Левичарскиот „црвен блок’ предводен од социјалдемократите на премиерката Фредериксен според анкетите ќе освои 49,1 отсто од гласовите, односно може да смета на 85 пратеници. „Синиот“ блока н десните партии, пак, во анкетите има 40,9 отсто поддршка, што на оваа коалиција ѝ носи 72 мандати.
„Клучно е да се освои средината, бидејќи оние коишто ќе ја добијат средината ќе го добијат премиерот“, вели Каспер Хансен, политиколог од Универзитетот Копенхаген.
Новата партија којашто зема гласови во политичкиот центар се Умерените, кои ги води поранешниот либерален премиер Ларс Локе Расмусен. Анкетите покажуваат дека неговата партија ќе освои 10 отсто од гласовите, или 18 пратенички места, што е петкратно зголемување на поддршката во однос на септември и изненадување за политичките аналитичари.
Расмусен одби да вети поддршка за кој и да е од двата големи блока пред изборите. Неговиот партиски колега Јакоб Енгел-Шмид изјави дека се „подготвени да работат со кандидатот кој ќе овозможи најширока соработка за спроведување на потребните реформи“. Умерените, инаку, сакаа да ги реформираат здравството и пензискиот систем.
Тешки преговори
Во своите настојувања да го привлечат честопати помалку лојалното центристичко гласачко тели, социјалдемократите најавија дека сакаат да владеат преку традиционалните политички линии на раздвојувањето. Десницата, пак, ја предводат два кандидата: конзервативецот Сорен Пае Поулсен и либералот Јакоб Елеман-Јенсен.
Доколку нема јасен победник во вторник, можни се долги преговори за формирање на владата кои може да одат во полза на Локе Расмусен. За него се вели дека е „жесток“ во преговорите и оти може да чека додека некој не „покаже“ на него и да му понуди да биде премиер.
Данските политички коментатори велат дека ситуацијата е речиси идентична со онаа во хит-серијата „Борген“, наречена по седиштето на законодавната и извршна власт во Данска, во којашто челничката на маргинална центристичка партија суптилно маневрира за да стане премиерка.
Поделената десница
Социјалдемократите, кои поединечно се најсилната партија, се обидуваат да го наметнат мислењето кај гласачите дека тие се „вистинската партија за несигурните времиња“. Нивното управување во времето на пандемијата главни е оценето како добро, и покрај некои потези како наредбата за масовно убивање на илјадниците нерци поради страв од мутиран сој на коронавирусот, што на крајот се покажа како незаконско.
Социјалдемократите предлагаат данок на емисијата на јаглеводороди во земјоделскиот сектор и зголемување на платите во јавниот сектор, додека нивните сојузници повеќе зборуваат за заштитата на биоразличноста и поддршката за децата и ранливите групи.
Истовремено, нивната влада преговара во моментов со Руанда за формирање центар во кој би биле сместени барателите на азил додека се обработуваат нивните барања во Данска.
Во целиот политички дански спектар постои консензус за потребата од задржување на рестриктивните миграциски политики, па за ова прашање не се дискутира често.
Се очекува дека противдоселеничката десница на овие избори ќе освои повеќе, но е поделена во три партии кои заедно во анкетите имаат 15,5 отсто поддршка.