Тринаесет лица се уапсени по шумскиот пожар на грчкиот остров Хидра, за кој властите тврдат дека бил предизвикан од огномет лансиран од јахта. Пожарот во петокот ja изгоре единствената борова шума на познатиот туристички остров, кој се наоѓа јужно од Атина и едвај е ставен под контрола, соопштија официјални лица на Фејсбук.
Бидејќи нема патишта до плажата, пожарникарите морале да пристапат до неа по море, додека хеликоптери фрлале вода од воздух. Во соопштението, грчката противпожарна служба рече дека сите 13 лица се грчки државјани и дека денеска ќе се појават пред обвинителството. Во соопштението не се споменува јахтата.
Причината за пожарот предизвика гнев во Грција, која веќе се бори со неколку шумски пожари и е зафатена од првиот топлотен бран годинава.
„Огорчени сме што некои луѓе толку неодговорно фрлаат огномет во борова шума“, изјави градоначалникот на Хидра, Јоргос Кукудакис, за грчката телевизија ЕРТ.
Осуда имаше и на социјалните мрежи: „Богати луѓе со повеќе пари отколку мозок“, беше еден коментар.
Грција е во состојба на готовност поради шумски пожари од вторникот, а властите се подготвуваат за тешко лето бидејќи сувите услови, силните ветрови и високите температури ќе продолжат. Во петокот, 55-годишен пожарникар доброволец почина од повредите кои ги доби борејќи се со пожарот во јужниот регион Илија на полуостровот Пелопонез. Летните шумски пожари се вообичаени во Грција и научниците ги поврзуваат зголемената фреквенција и интензитетот на екстремните временски настани, меѓу и топлотните бранови, со климатските промени.
Но, земјата има проблем и со подметнувачите на пожари – во август минатата година беа уапсени најмалку 79 лица поради смртоносни шумски пожари. Годинава, Грција донесе построги закони за подметнување пожари, при што на сторителите им се заканува казна затвор до 20 години и парични казни до 200.000 евра.