Трипуновски: Да се забрани увозот на пченица и јачмен додека не се откупи домашниот род

Денеска сум во срцето на овчеполието, во екот на жетвата, на посета на еден од фармерите кој што го собира својот род и во разговор со него можеме да кажеме дека годината е лоша затоа што пред се откупната цена на јачменот е многу ниска од 8 до 9 денари за килограм, изјави денеска Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Истакна дека поголем проблем за многу земјоделци во Македонија е тоа што не можат јачменот да го предадат во преработувачки капацитет за да можат да користат дополнителна субвенција кои што им следува од програмите за субвенционирање.

-Морам да потенцирам дека ова производство на јачмен и пченица е многу скапо, затоа што во време на сеидбата репроматеријалите, нафтените деривати, семенскиот материјал беа многу високи што значи дек апроизводната цена на јачменот е некаде над 13 денари, што е спротивно од она кое што се откупува сега од 8 до 9 денари, односно разликата повеќе од 4 денари треба во ова ситуација да ја компензира државата.
Она што сакам да го упатам како апел и сугестија до МЗШВ и до Владата на Република Македонија е тоа дека треба под итно да се забрани увоз на пченица и јачмен се додека трае жетвата на домашното производство затоа што мораме да го заштитиме домашното производство и македонскиот земјоделец. Дополнително државата треба да донесе мерка за складиштење на јачменот и пченицата затоа што многу земјоделци немаат услови да го чуваат својот род за да чекаат некои подобри времиња и тука треба државата да интервенира со дополнителна субвенција за складиштење во некои од капацитетите ширум Република Македонија.

Ако ситуацијата остане како што е сега тоа значи дека и со почетокот на жетвата на пченицата не очекуваат црни денови за земјоделците и со тоа и понатаму Макeдонија ќе биде увозно зависна на лебно жито и ќе мораме повторно да ги молиме соседите и да купуваме скапа пченица како што беше случај во изминативе години, нагласи Трипуновски.