
Додека домашниот тутун скапува неоткупен, во Македонија влегува тутун од странство за кој не се знае каде завршува, истакна на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според наши информации, минатата година увезени со 5 шлепери со тутун од страна на фирмата Студенац Шпед во сопственост на Димче Тројановски кој е бизнис партнер на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. И двајцата важат за блиски луѓе до Љупчо Николовски. Љупчо Николовски, како прв антикорупционер да одговори, дали фирмата Студенац Шпед има лиценца за работа со тутун како акцизна стока и дали е дозволен увоз на тутун од фирма која воопшто не смеела да увезе? Како е влезен тутунот на граничен премини, како се издадени документи од царинската управа за влез на пет шлепери тутун увезени од фирма без лиценца? Ако се докаже дека фирмата нема дозвола за работа со тутун се поставува прашањето каде завршиле тие пет шлепери со тутун и дали можеби се употребени за илегално производство на цигари?“, праша Трипуновски.
Истакна дека Јавното обвинителство, Царинската управа и другите надлежни органи веднаш да реагираат и да отворат постапка, и да утврдат дали во Македoнија нелегално се прави увоз на тутун и кој се е вмешан во целата процедура. Одговорност мора да има, како кривична така и политичка.