Ми преставува особена чест и огромно задоволство што сум денес домаќин на еден ваков настан како што е 18-тиот Годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа. Овој министерски состанок дава една одлична можност ние како министри меѓусебно да се запознаеме и нормално да размениме мислења, идеи и прашања кои што се од областа на земјоделството, руралниот развој, па и пошироко, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
-Започнуваме со една дискусија во текот на денешниот ден каде што очекувам да произлезе една успешна декларација, која што практично е решение на многу ситуации.
Согласно Агендата денеска ќе опфатиме многу важни теми, анализи од повеќе аспекти, додека на крајот од настанот ќе се извлече еден генерален заклучок од дискусиите со што ќе се усвои една Заедничка декларација.
Со оваа Декларација ќе ја потврдиме заедничката решеност да се надминат сите билатерални и мултилатерални конфликти поврзани со слободното движење на стоки, услуги, луѓе и капитал поврзани со храната и земјоделството. Сите поврзани прашања ќе се решаваат со добра волја и дух на солидарност, и нормално добрососедски односи.
Ќе ја продолжиме регионалната соработка, меѓусебната размена на информации и взаемна помош како регион.
Со Декларацијата ќе ја изразиме нашата силна решеност да креираме политики и национални акциски планови за да постигнеме национална и регионална безбедност на храна и стратешка автономија во отворената економија за обезбедување одржливо и конкурентно производство на храна достапна за населението од целиот овој регион.