Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски после интензивните состаноци изминативе денови излезе со информација за откупот на жито од реколта 2024 година.
„Агенцијата за стокови резерви ќе набави 15.000 тони пченица исклучиво од македонско производство нема да бидат од увозен карактер, вчера на седница на Влада беше стопирана одлуката за објавата за набавка се со цел да се сменат сите правила на игра за да биде македонската пченица таа што ќе биде откупена“, изјави Трипуновски.
Дополнително ќе биде продолжен рокот на мерката за складирање на пченица и јачмен се со цел да се излезе во пресрет на сите оние земјоделци коишто нема да можат да ја предадат својата пченица.
Трипуновски напомена дека будно ќе го следи процесот на жетва и откуп на лебно жито бидејќи земјоделците имаат посветен партнер кој се грижи да тие бидат задоволни од тоа што го обработуваат.
„По завршување на оваа жетва веќе ќе работиме на структурни промени се со цел идната реколта 2025 година да немаме вакви проблеми, да секоја година во текот на жетвата се решаваат ситуациите и се дефинираат цените, тоа значи структурни реформи коишто ќе бидат на пиедестал земени земјоделците, сите оние проблеми коишто ги имаат и во делот на субвенционирањето и во делот на мерките проектите се со цел да имаме производна година којашто ќе биде предвидлива, а не како досега да во текот на жетвата се дефинираат работи“, заврши Трипуновски.