Како Министерство ги дисперзираме подрачните единици речиси во секоја една рурална општина затоа што мојот концепт и визија е дека земјоделците треба да бидат поблиску до услугите на Министерството. Не треба да се патува стотици километри во еден правец и да се губи време и енергија, напротив Министерството има доволен потенцијал човечки, просторен и технички за да биде поблиску до секој земјоделец, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при гостување во Македонско радио.
„Се отвори подрачна единица во Ново Село и во Јегуновце, се отвори и подрачна канцеларија во Босилово. Веќе работиме за отворање и во Росоман. Со самото отворање на подрачни единици, значи и земјоделецот е поблиску до институциите“, појасни министерот.
Трипуновски додаде дека самото приближување на Министерството, не е само од физички аспект туку и од функционален.
„Директорот на Платежната агенција веќе информираше дека ќе има и електронско следење на аплицирањето за субвенции. Преку овие подрачни единици и канцеларии земјоделците ќе можат во сопствената општина лично да отидат и да си го проверат нивниот статус на апликација“, посочи министерот Трипуновски.
Тој истакна дека вработените во подрачните единици при Министерството ќе имаат пристап до базата на податоци на Платежната агенција и ќе можат да ги информираат земјоделците дали апликацијата им е успешна или не. И исто така земјоделците ќе можат да се информираат и за тековните активности и планови кои се на Министерството.