Трипуновски: Заев им се закануваше на земјоделците со специјалци наоружани до заби

Зоран Заев и СДСМ со специјалци и борбени оклопни возила се обидоа да спречат мирен земјоделски протест. Како во најцрните времиња на комунизмот народот требаше да биде заплашен и замолчен, изјави на денешната прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски во врска со вчерашните протести на земјоделците пред Владата и односот на власта спрема нив.

„Земјоделците го живеат најцрниот период во овие 29 години македонска држава. Големиот одзив, и покрај полициските сили и притисоци на Заев и Спасовски покажуваат колку е тешка маката на македонските земјоделци. Субвенциите не стигаат до крајниот земјоделец, а целиот сегмент е во рацете на локални моќници кои печалат на маката и трудот на работливите земјоделци. Но земјоделците го кренаа гласот и нема назад“, констатира Трипуновски, додавајќи дека Зоран Заев вчера и наредил на полицијата на Спасовски да ги спречи земјоделците да го изразат својот револт против ненародната власт која три години лаже и манипулира со нивниот труд.

„Да го погледнеме видеото од вчерашниот протест од кој јасно се гледа како Заев им се закануваше на земјоделците со специјалци наоружани до заби. Со цел да ги исплаши и спречи мирно да протестираат пред Владата на Република Македонија. Зоран Заев и неговите луѓе во МВР вчера го прекршија член 21 од Уставот на Република Македонија, кој го гарантира правото на протест. Правото на протест не може да биде ограничено. Зоран Заев вчера го ограничи. Заев вчера крена рака против сопствениот народ. Само тоталитарни режими се обидуваат со сила да го замолчат народот. Од вчера власта на Зоран Заев и официјално е тоталитарна“, посочува Трипуновски.

Тој вели дека Заев без срам пратил специјални единици против сопствениот народ. Против напатени земјоделци кои цела година работат, а не можат да спечалат ни за леб. Заев вчера покажал дека е исплашен.

„Заев е исплашен од сопствениот народ кој ќе го порази на избори. Нема да го спасат ниту специјаци, ниту оклопни возила. Доаѓа 12 април. Падот на СДСМ е се поизвесен. Доаѓа време за понесување одговорност“, порача членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.