Трисет дена притвор за осум уапсени во акцијата „Адитив“, за 13 одредена мерка за претпазливост

Кривичниот суд определи 30 дневен притвор за 8 од уапсените лица во акцијата „Адитив“, за едно лице, поради здравствени проблеми е определен домашен притвор, за останатите 13 пак, се определени мерки на претпазливост.

Меѓу оние кои добија притвор е и поранешниот директор на ЕСМ Васко Стефанов, кој утринава со лисици од полициско комбе беше спроведен во кривичниот суд, откако вчера беше уапсен на граничниот премин Табановце. Во меѓувреме и натаму се трага по неговиот претходник Васко Ковачевски кој не е во земјава, за кој во отсуство, од судот велат, не можат да изречат построги мерки. Министерот Тошковски посочи дека тој и натаму е недостапен за органите на прогон, но ги отфрли шпекулациите дека Ковачевски се откажал од македонското државјанство.

„Лицето кое што го напоменавте не е достапно на органите на прогон, органите на прогон ќе сторат се во рамки на нивната законска надлежност да постапат се со цел да истото биде обезбедено и биде изведено пред лицето на правдата. Она што е факт е дека посоченото лице е во рамки на регистарот на државјани на Македонија, истото е државјанин македонски и не побарало отпуст, согласно информациите кои ги имам во овој момент.“

При вчерашните апсења извршени се 77 претреси, во кои се пронајдени 208.000 евра во различни валути, а одземени се мобилни телефони, документација, компјутери и лаптопи, и БМВ од понов датмут. Исто така дадени се пет предлози за замрзнување на имоти, велат од обвинителството.

Министерот Тошковски вели дека сето она што е одземено во постапката или допрва ќе се одзема, ќе биде вратено во буџетот.

„Луѓе кои преку ноќ, без вработени, формирале фирми кои до вчера се занимавале со канцелариски материјали, наеднаш стануваат фирми кои што тргуваат на големо со ваков тип на адитиви и притоа заработуваат милионски суми кои што се три пати од пазарните цени, нели постојат основани сомненија и и те како голем број на докази дека она што е плаќано, е плаќано најмалку три пати повеќе од реалната цена која што би требало да се плати. После ние ќе говориме дали имало душманско крадење на народот“, рече Тошковски.

Во вчерашната акција „Адитив“ беа уапсени 22 лица во неколку градови во земјава поради сомнежи за перење на пари и криминал за јавни набавки на адитиви, за кои надлежните велат дека во ТЕЦ Осломеј од истите не е потрошен ниту еден процент, а во РЕК Битола 95% од адитивите никогаш не биле употребени и тоа во ек на енергетска криза. Уапсените, според пресметките ја оштетиле државата за 6,5 милиони евра.