Триумфално враќање на Роналдо на „Театарот на сништата“, Челзи не попушта а Тотенхем првпат поразен

Своето враќање по дванаесет години на „Олд Трафорд“ во саботата Кристијано Роналдо го круниса со два гола во победата на Манечестер Јунејтед од 4:1 над гостинскиот Њукасл, додека во последниот саботен дуел од четвртото коло од англиската Премиер лига Челзи на својот „Стенфорд Бриџ“ со 3:0 беше убедлив против Астон Вила.

Во Лондон во 15 минута Матео Ковачиќ со одлично додавање во фор го исфрли Ромелу Луакуи во одлична шанса која белгискиот напаѓач не испушти и да ја реализира за својот прв погодок за Челзи на домашниот стадиони. Иако Астон Вила беше многу опасна по противничкиот гол, благодарејќи на одличните интервенции на Едуард Менди „Сините“ ја сочуваа својата мрежа но во нападите беа со хириршка прецизност.

Во 49 минута Ковачиќ го прочита кусото додавање на гостинскиот капитен Тајрон Мингс кон голманот Џед Стрир, прв дојде до топката и ја проследи во голот. Во третата минута од судиското продолжување со одличен погодок во самиот горен десен агол Лукаку ги постигна конечните 3:0.

Челзи сега има десет бодови, исто колку и водечкиот Манчестер Јунајтед. Астон Вила е 12-та со четири бодови.

Своето враќање во дресот на манчестерските „Црвени ѓаволи“, Кристијано Роналдо го одбележа со два погодока во победата од 4:1 над Њукасл. Португалецот во првиот настап по 2009 година на култниот стадион на кој стана фудбалска суперѕвезда ги постигна првите два гола за Јунејтед, првиот во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме, а откако Хавиер Манкиљо во 56 минута израмни на 1:1, Ронадо ја врати предноста за Јунејтед во 62 минута. До крајот на дуелот домашните за искачување на првото место на табелата потрдија Бруно Фернандеш во 80 минута со одличен погодок и Џес Лингард во судиското продолжение. Њукасл со само еден бод во четирите меча е претпоследен 19-ти.

Градскиот ривал Манчестер Сити со минимални 1:0 славеше на гостувањето кај Лестер Сити, со голот на Бернардо Силва во 62 минута. Сити е третопасиран со девет бодови, а Лестер е деветти со шест бодови.

Еден погодок му беше доволен и на Арсенал за домашната победа над Норич, со која „Топчиите“ побегнаа од дното на табелата. Воедно ова беше првиот погодок на Арсенал во новата сезона, а го постигна Пјер-Емерик Обамејанг во 66 минута. Арсенал сега со три бода е 16-ти, а Норич остана закован на дното без бодови.

Леандро Тросард со голот во 90 минута на гости кај Брентфорд на Брајтон му ја донесе третата победа сезонава и четврто место со девет бодови. Брентфорд, пак, е десетти со пет бодови.

Саутемптон без голови ремизираше дома со Вест Хем, и со три бода е 14-ти, а „Чеканите“ дојдоа до осум бодови за моменталното шесто место.

Вулверхемтон со двата погодока во завршницата на дуелот, автоголот на Франциско Сиералта во 74 и погодокот на Хванг Хе-чан во 83 минута сотвари гостинска победа кај Вотфорд. Сега и Вулверхемптон и Вотфорд имаат по три бода со по една победа, првите се 13-ти а вторите 15-ти.

Првиот пораз во новата сезона го доживеа до денеска водечкиот Тотенхем. Кристал Палас по двата ремија и поразот ја впиша првата победа. Тотенхем падна на петтата позиција со девет бодови, а Кристал Палас е 11-ти со пет бодови.

Мечот беше решен откако во 56 минута поради два брзо заработени жолти картона, во 53 и 58 минута, играта мораше да ја напушти играчот на Тотенхем, Џафел Танганга. Потоа за домашните водство донесе Вилфред Заја во 76 минута од пенал, а победата ја потврди Одсоне Едуард со погодоците во 84 и во третата минута од судиското продолжение.