Трката во Австралија нема да ја отвори следната сезона во Формула 1

Трката од Светското првенство во класата Формула 1 за Големата награда на Австралија во Мелбурн, којашто со години е воведна во сезоната, нема да биде првата станица на автомобилистите ниту во 2023 година.

Трката за Големата награда на Австралија на распоредот е на 2-ри април 2023 година, објави во вторникот организаторот кој веќе ги пуштил во продажба влезниците.

Имајќи го предвид доцниот распоред, се очекува дека претстојната сезона повторно ќе започна на некоја друга локација. Годинава отворањето беше во Бахреин, по што следеше трката за Големата награда на Саудиска Арабија. Австралија беше трета во календарот.

Мелбурн со години беше домаќин на првата трка во сезоната. Во рамките на новиот десетгодишен договор со Формула 1, австралиските организатори се договорија патеката „Алберт Парк“ би можела да биде домаќин на почетокот на сезоните во 2024 и во 2025 година.