Хрватска ги прогласи црногорските политичари Андрија Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Алекса Бечиќ за непожелни во Хрватска поради нарушување на добрососедските односи, соопшти во четвртокот Министерството за надворешни и европски работи во Загреб.
Андрија Мандиќ е претседател на црногорското собрание, лидер на просрпската десница, Милан Кнежевиќ е пратеник, исто така, близок до Белград, а Алекса Бечиќ е вицепремиер од редовите на демократите.
Во Загреб објавија дека во Хрватска се прогласени за непожелни поради „систематска акција за нарушување на добрососедските односи“ и „континуирана злоупотреба на Република Хрватска за внатрешно-политички цели“.
Министерството изразува жалење што мнозинството во црногорскиот парламент „одлучи да ги игнорира континуираните повици на Република Хрватска да не презема потези кои можат негативно да влијаат на нашите билатерални односи и на европскиот пат на Црна Гора“.
„Во овој контекст се издвојуваат постапките на споменатите политички функционери и нивното однесување не може да се смета за добронамерно и добрососедско“ ниту, пак, е во согласност со црногорскиот пат кон Европската унија, предупредува хрватската дипломатија.
Од Министерството велат и дека добрососедските односи се „еден од клучните елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација и еден од клучните критериуми за оценување на напредокот во пристапниот процес на Црна Гора“.
„Хрватска ја поддржува Европската Црна Гора, го поддржува процесот на пристапување во Европската унија и се залагаше за напредок на европскиот пат на Црна Гора. Република Хрватска очекува Црна Гора да се однесува во согласност со европските вредности и во европскиот дух и дека ќе ги насочи своите напори на натамошно исполнување на условите и критериумите во процесот на пристапување“, се вели во соопштението.
Загреб не ја наведува точната причина за ваквата одлука, но се претпоставува дека е поврзана со резолуцијата за концентрациониот логор Јасеновац во Независната држава Хрватска сојузничка на нацистичка Германија во Втората светска војна во која се ликвидирани илјадници Срби, Роми, Евреи и хрватски комунисти, која Собранието на Црна Гора ја изгласа на крајот на јуни. Станува збор за иницијатива на просрпските партии во Црна Гора како одговор на резолуцијата во Сребреница во Обединетите нации.
Хрватската политичка елита, но и некои црногорски политичари, ова го оценија како наводен обид на Србија да ги влоши односите меѓу Загреб и Подгорица и европскиот пат на Црна Гора, земјата најблиску до европското членство. За резолуцијата гласаа 41 пратеник, меѓу другите од партиите на Мандиќ, Бечиќ и Кнежевиќ.