Најмалку шест лица, меѓу кои тројца мескикански туристи и една Швајцарка, се повредени во средата во напад со нож во Џераш, познат археолошки локалитет на северот на Јордан, соопштиле безбедносни извори демантирајќи ги претходните информации дека жртвите на нападот биле Шпанци.
Според телевизијата Al Arabiya, повикувајќи се на портпаролот на службата за Јавна безбедност на Јордан, Амер Сартауи, повредени се и јордански водич и припадник на безбедносните сили кои се обиделе да го запрат напаѓачот.
Нападот се случил во древниот римски археолошки локалитет Џераш. Напаѓачот е уапсен, но неговиот идентитет не е објавен. Не е соопштена официјално, исто така, и состојбата на повредените. Меѓутоа, телевизијата Al Arabiya повикувајќи се на болнички извори, наведува дека двајца од настраданите се во критична состојба.
Џараш се наоѓа 48 километри северно од јорданската престолнина Аман. Таму се наоѓаат остатоците од античката населба Гераса, која бил дел од Декаполисот, односно ткн Десетградие, и била важен трговски ценатар во Римската империја. Градот бил уништен во силен земјотрес во 749 година од нашата ера. Урнатините на Џараш се откриени од германскиот ориенталист Улрих Зетцен во 1806 година.
Заедно со „бисерот на кралството“ Петра, кој бил главен град на кралството на Набатејците во кањонот Вади-Муса, Џараш се смета за една од главните туристички и археолишки дестинации во Јордан, кој е богат со библиски споменици.