Тројца мртви и стотици со здравствени проблеми по инвазија на шкорпии во Египет

Шкорпии усмртиле три лица а стотици имаат здравствени проблеми од нивните убоди, откако по силната бура се распрснале на улиците на јужниот египетски град Асуан, пренесе во саботата електронското издание на дневниот весник Al Ahram.

Здравствени проблеми по убоди на шкорпии имале околу 450 лица, изјавил претставник на египетското министерство за здравство за регионот на Асуан, Ехаб Ханафи.

Невремето проследено со град и грмежи во областа близу реката Нил, каде што дождот е редок, во петокот било особено силно. Обилните дождови по текот на Нил редовни ги носат шкорпиите на улиците на градовите, а понекогаш покрај нив има и масовни појави на змии.

Дополнителни дози од противотровот се испратени во амбулантите во близина на планинските и пустински предели во регионот, а во областа распоредени се и дополнителни медицински екипи.

Локалните власти апелираат до локалното население да остане во своите домови и да ги избегнува површините со многу дрвја.

Убодите од шкорпија ретко се опасни по животот, но мали деца и повозрасни лица се во најголем ризик од појава на сериозни компликации, наведува американската здравствена институција „Mayo Clinic“. Само околу 30 од околу вкупно 1.500 видови шкорпии може да убијат човек.