Тројца пожарникари во струшко повредени од струен удар при гаснење на пожар на покрив од куќа

Тројца пожарникари се повредени при интервенција на пожар на покрив од куќа во струшкото село Радожда, соопштија од Територијалната против пожарна единица во Струга. Според командирот, Фети Мазари, пожарот бил пријавен синоќа во 23 часот и 30 минути, по што интервенирале шестмина пожарникари.

– Пожарникарите се во добра здравствена состојба, а пожарот е целосно изгаснат, изјави Мазари.

СВР Охрид соопшти дека синоќа околу 23 часот и 40 минути бил пријавен пожар во куќа во близина на струшкото село Радожда, сопственост на А.С. од истото село.

– При интервенција на Територијалната противпожарна единица од Струга, со повреди од струен удар се здобиле тројца пожарникари кои го гаснеле пожарот. Тие се пренесени во Општата болница во Струга каде им биле констатирани телесни повреди по што, биле пуштени на домашно лекување, појасни портпаролот Стефан Димоски.