Тројца ранети во жестоките судири во Шведска

Три лица се ранети во неделата во жестоките судир во Норшепинг, југозападно од шведската престолнина Стокхолм, меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираат против помала партија од крајната десница којашто во саботата објави дека има намера јавно да спали примерок од светата муслиманска книга Куранот, соопшти шведската полиција.

„Полицијата стрелаше во знак на предупредување. Три лица се ранети најверојатно со рикошетирани куршуми и сега се на лекување во болница“, се истакнува во полициското соопштение.

Тројцата ранети, чијашто здравствена состојба не е соопштена, исто така, се „уапсени под сомневање за сторено кривично дело“, се додава во соопштението.

Ова е втор ваков судир во последните четири дена во Норшепинг. Во првиот судир демонстрантите протестираа против собирот на противмиграциското и антисиламско движење „Тврда линија“, на чиешто чело е данско-шведскиот државјанин Расмус Палудан.

Во неделата во Норшепинг повторно се протестираше против одржувањето на најавениот втор собир, од кој Палудан на крајот се откажа. Во меѓувреме локалните медиуми пренесуваат дека во текот на неделните простести били запалени најмалку две возила.

Ноќта кон неделата во јужниот шведски град Малме забележани се повеќе насилни инцеденти по собирите против организацијата на Палудан. Во текот на ноќта во Малме избувнале неколку пожари, според полицијата. Во нејзиното соопштение се наведува дека изминатата ноќ биле запалени канти за ѓубре, еден автомобил и автобус, како и дека се поднесени повеќе пријави за вандализам.

Во судирите со демонстрантите против движењето на Палудан во четвртокот и петокот биле повредени 12 полицајци.

Тој во моментов организира собири во Шведска, каде што во повеќе градови избувнаа судири со полицијата и контрадемонстрантите.