Тројца шпански туристи убиени во Авганистан

Тројца шпански туристи и еден авганистански државјанин се застрелани во петокот во Бамјан, туристички град во централен Авганистан, соопштија шпански и авганистански официјални извори.

Станува збор за прв напад врз странски туристи во Авганистан откако талибаните се вратија на власт во август 2011 година.

„Тројца странци и еден Авганистанец се убиени, а уште четворица странци и тројца Авганистанци се ранети“ во вооружените напади, рече портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Абдул Матин Кание, без да појасни дали едно или повеќе лица стојат зад нападот.

Болнички извори соопштија дека четворицата повредени се државјани на Норвешка, Австралија, Литванија и Шпанија.

Во Мадрид извор од шпанското Министерствво за надворешни работи потврди дека тројцата убиени странци се Шпанци.

„Тројца Шпанци загинаа, а најмалку еден е ранет во пукање во Авганистан“, изјавил за AFP извор кој барал да остане анонимен. Додал дека министерството се обидува да разјасни што се случило, да им помогне на повредените и да контактира со семејствата.

Премиерот Педро Санчез изјави дека е шокиран од убиството на шпанските туристи и додаде дека ја следи ситуацијата.

Во Кабул портпаролот на авганистанското Минситерство за внатрешни работи соопшти дека се уапсени четворица осомничени. Засега не е познато кој бил мотивот за нападот.

Бамјан е главната туристичка дестинација во Авганистан, во која има и дел под заштита на УНЕСКО.