Три лица се убиени во пукање во вторникот во продавница во централниот дел од американската сојузна држава Вашингтон, а осомничениот сѐ уште е на слобода, пренесуваат локалните медиуми.
Полицијата била повикана на местото на настанот во градот Јакима околу 3,30 часот наутро по локално време, откако три лица кои сѐ уште не се идентификувани се најдени мртви, изјави за новинарите началникот на локалната полиција Мет Мареј.
Две од жртвите биле застрелани во продавницата, а третата пред неа. Мотивот за тројното убиство засега е непознат, а осомничениот и натаму претставува опасност за заедницата, додал Мареј.
Додал дека полицајците откриле во близината и уште едно место на пукање, од спротивната страна на улицата во која се наоѓала продавницата. Засега не е познато дали има настрадани во второто пукање.
Се проценува дека напаѓачот пукал во автомобил кој бил во близната на местото на злосторството, и веројатно повредил едно лице пред да го украде возилото и да побегне.
Според началникот Мареј, се чини дека станува збор за неселективен инцидент, бидејќи не се најдени траги од конфликт или престрелка. Осомничениот, од кој во меѓувреме е објавена веројатна снимка, само влегол и почнал да пука, додаде.
Полицијата постојано добива нови информации за инцидентот, ги собрала снимките од надзорните камери од местото на злосторството и на социјалните мрежи објави фотографија од маж во црна облека. Носел блуза со качулка, капа, панталони и чевли.
Јакима е град со околу 97.000 жители т во долината Јамика, земјоделски регион познат по винарии и одгледување јаболка.
САД оваа седмица беа вознемирени од уште две масовни пукања во сојузната држава Калифорнија, во коишто загинаа вкупно 18 луѓе.