Тројца украински државјани, 28-годишен маж и двајца 25-годишници се осомничени за големиот пожар што се случи на 14-ти мај годинава во пристаништето Медулин, во кој целосно изгореа 22 пловни објекти, додека уште дванаесет други беа делумно оштетени, објави во петокот истарската полиција.
Истарската полиција извести дека ја завршила кривичната истрага за случајот со пожарот на пловилата во пристаништето Медулин и утврдила сомнение дека тројца украински државјани, 28-годишен маж и двајца 25-годишници го извршиле делото „загрозување на животот и имотот со општо опасно дело или средство“.
Во кривичната истрага било утврдено дека тројца украински државјани, според претходен договор, на 14-ти мај дошле во Хрватска од Полска и го паркирале својот автомобил во областа Медулин, од каде се упатиле кон пристаништето Медулин.
Околу 3 часот и 40 минути, додека другите двајца сторители чувале стража, еден од 25-годишниците се спуштил низ оградениот дел од молот и се упатил во правец на везот каде што било вкотвено пловилото на 65-годишен маж, со ознаки од Пула.
Осомничениот фрлил шише со запалива течност кон пловилото и предизвикал пожар кој се проширил на блиските 34 пловила врзани во пристаништето, од кои 22 беа целосно изгорени, а другите делумно се оштетени од пожар. Со тоа на сопствениците е причинета материјална штета од околу два милиона евра.
Полицијата интензивно трага по сторители кои во моментов не се на територијата на Хрватска и против нив поднесе кривична пријава до надлежното државно правобранителство, велат од истарската полиција. Нема информации за причините, ниту за државјанството на лицето на пловилото кое било цел на очигледен насочен напад.