
Францускиот шампион ПСЖ денеска пријави три позитивни теста на ковид-19, а иако европскиот вицепрвак се обиде да ги задржи во тајност имињата, угледните француски медиуми веќе ги открија фудбалерите кои имаат коронавирус.
„Лекип“ и уште неколку респектабилни медиумите уште вчера објавија дека Аргентинците Анхел Ди Марија и Леандро Паредес имале прв позитивен тест на ковид-19, а најновото тестирање во листата придодало уште едно големо име.
Нејмар е третиот позитивен случај во редовите на ПСЖ, тим кој беше ослободен од настапи во првите две кола во француската Лига 1 поради учеството во Лигата на шампионите до самиот крај.
– Тројца играчи на ПСЖ се позитивни на тестовите на ковид-19 и веќе се сместени во изолација и се под надзор на соодветен здравствен протокол. Сите останатите играчи и персоналот ќе продолжат редовно да се тестираат во наредните неколку дена – гласи објавата на „светците“.
Со оглед на тоа што ваквата информација пристигнува само десет дена по големото финале во Лигата на шампионите, секако не се исклучува можност за повеќе заразени во редовите на ПСЖ, но и во противничкиот табор на Баерн Минхен.