Тројца загинати и шест ранети во украинско гранатирање на Доњецк

Најмалку три лица загинале и уште шест други се ранети во масивно украинско гранатирање во вторникот на станбените населби на градот Доњецк, центарот на од 2014-та одметнатата доминантно руска и рускојазична област на истокот на Украина, објавија тамошните власти.

Како што објави на Telegram градоначалникот на Доњецк, Алексеј Кулемзин, загинале жртвите се на 18, 25 и 51-годишна возраст, кои во моментот на гранатирањето се наоѓале на улиците во центарот на градот.

Градските власти известуваат дека се погодени хотел, зградата на администрацијата на ткн Народна Република Доњецк, како и дека проектилите паднале во близина на трговски центар и во уште две населби.

„Штетите се значителни, тешка артилерија во центарот на градот, директни удари врз станбени згради, има фрагменти… сето тоа се расчистува, се истражува… Стручњаците ќе утврдат, но според звуците наликуваше на артилеријата на НАТО“, изјави Кулемзин за руската телевизија.

Според претставниците на сепаратистите во Заедничкиот центар за контрола и координација на прекинот на огнот, воспоставен со Минските мировни договори од 2014 и 2015-та, украинските сили го гранатирале Доњецк со гранати со калибар од 155 милиметри.

Потсетуваат дека такви проектили користат земјите членки на НАТО, кои на Киев му испорачаа меѓу другото и хаубици М-777 со долг дострел, кои украинската војска редовно ги користи за гранатирање на градовите под контрола на руските и проруските сили, како и на нуклеарната централа Запорожје.