Тројно зголемена вакцинацијата на деца против голема кашлица

Порастот на заболените деца од голема кашлица и апелите на лекарите поттикнаа многу родители кои беа сомничави кон вакцинацијата да навалат во вакциналните пунктови за да ги имунизираат нивните деца. Препораката на Комисијата за заразни болести во градинките да не се примаат невакцинирани деца исто така одигра улога.
Според податоците, тројно е зголемен интересот за вакцинација со ДТПР на вакциналните пунктови. Дел од родителите беа на редовна вакцинација на своите деца, но најголемиот број се деца од 2 до 6 години за пропуштена ревакцинација, која според вакциналниот календар задолжително се прима на 18 месеци.

„Од почетокот на јануари имаме двојно поголем број на посети во споредба со месец декември. Ако регуларните посети во текот на денот ни се од 20 до 30 пациенти вчера само во двете смени имавме 130 пациенти вакцинирано и еве сега до овој момент имаме 60 и тоа е повеќе од тројно зголемен број на пациенти“, изјави за Канал 5 д-р. Сања Цилевска-Младеновска од поликлиниката „Букурешт“ во Скопје.

Поради турбуленциите во техничката влада сѐ уште нема одлука за прогласување на епидемија во Скопје и забрана за невакцинираните да одат во градинките. Досега се потврдени 26 случаи на заразени со пертусис од кои најголем број се во Скопје, Куманово и Гостивар.