Тројца хирурзи од Македонија се очекува да одат на субспецијализација во Центарот за трансплантација во Кембриџ. До крајот на годинава се очекува да оди првиот кандидат, потоа во период од шест месеци вториот кандидат, а третиот кандидат ќе оди идната година. Идејата е после две години тие да се вратат како субспецијалисти од Кембриџ во делот на трансплантација на бубрег, црн дроб и мултитрансплантации (трансплантации на повеќе органи).
Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска во просториите на Министерството се сретна со претставници од Центарот за трансплантација во рамки на Универзитетот Кемbриџ, односно со доктор Гавин Петигру, специjалист по абдоменална трансплантација, одговорен за супервизија на македонските доктори-хирурзи и проф. Оливера Ѓорѓимајкоска, клинички научник за трансплантација на органи и координатор за развој на кадаверична трансплантација.
Тодоров посочи дека на средбата станало збор за интервјуата односно за интересот на македонските доктори кои ќе бидат испратени на субспецијализација за трансплантација во Кембриџ.
– Минатата година потпишавме Меморандум со Кембриџ за испраќање наши доктори за субспецијализација за трансплантација во овој врвен Универзитет во Англија и еден од најдобрите во светот. На презентацијата која ја имаа пред нашите доктори имаше осум заинтересирани кандидати од кои пет беа на интервју. Мислам дека овој пат ќе имаме кандидат кој можеби ќе ги исполни условите и ќе биде прифатен од Кембриџ за субспецијализија, рече Тодоров.