Тројца Холанѓани настрадале во нападите во Брисел

Меѓу жртвите во нападите во Брисел животот го загубија тројца државјани на Холандија.

Според министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Кундерс, жртвите се брат и сестра кои живееле во САД, како и една жена од градот Девентер.

Шефот на холандската дипломатија и претседавач со Советот на Европската унија, потврди дека синоќа тој веќе ги известил семејствата на загинатите.

Покрај овие тројца холандски државјани, единствено досега е познат идентитетот на уште еден странец, кој загинал во терористичктие напади во Брисел. Станува збор за 36-годишната Перуанка, Марина Тапиа Руиз.

Белгискиот министер за надворешни работи Дидје Рејндерс, потврди дека меѓу жртвите во нападите има државјани на најмалку 14 држави, но белгиските власти се уште не излегле со имиња и националност на загинатите, бидејќи според нив, „најважно е згрижување и безбедност на повредените“.