Тројца мажи се уапсени во средата во јужниот дел на северниот англиски град Манчестер во врска си истрагата за терористичкиот напад извршен во понеделникот ноќта по концертот на американската пејачка Аријана Гранде во кој беа убиени 22 лица, а некои од жртвите веќе се идентификувани, соопшти во средата британската полиција.
Првиот маж бил уапсен уште во вторникот во јужниот дел на Манчестер, по нападот на бомбашот самоубиец за кој одговорноста ја презема џихадистичката организација Исламска држава, но американското разузнавање тврди дека терористот бил поврзан со ќелии на ривалската исламистичка организација Ал Каеда.
Британската влада потврди дека напаѓачот најверојатно не дејствувал сам и оти претходно им бил познат на безбедносните служби како потенцијална опасност. Поради тоа во Велика Британија е прогласено највисокото ниво на приправност што значи „непосредна опасност“ од напад.
„Не можеме да ја игнорираме можноста дека поголема група поединци е поврзана со атентатот во Манчестер“, изјави во телевизиското обраќање во вторникот вечерта британската премиерка Тереза Меј.
Извршителот на атентатот е идентификуван како 22-годишниот Салман Абеди, роден во Манчестер, британски државјанин со либиско потекло. Разузнавачките служби наведуваат дека неодамна престојувал во Либија, но има информации и дека се поврзал со Исламската држава и оти минал низ Сирија, како што изјави во средата новиот француски министер за внатрешни работи Жерар Коломб
Во меѓувреме идентификувани се некои од 22-те жртви во терористичкиот напад во „Манчестер Арената“. Меѓу нив има родители кои отишле да ги пречекаат своите деца по завршувањето на концертот, а најмалата жртва има само осум години.
Марцин и Агелика Клис. Полската брачна двока Марцин и Ангелика Клис, родители на студент на Универзитетот во Јорк се идентификувани по нападот. Тие пристигнале пред завршувањето на концертот за да ги земат своите деца. Полскиот министер за надворешни работи потврди дека неговите сограѓани се меѓу жртвите.
Кели Брустер е идентификувана како една од жртвите, а познато е дека за време на експлозијата со своето тело ја заштитила својата внука. Таа зад себе остави мала ќерка. „Кели навистина беше најсреќна досега во својот живот, а планиравме и многу работи заедно. Мојата ќерка Фиби ќе биде запрепастена, како што сме и ние“ напиша на Facebook nејзиниот партнер Иан Винслоу.
Оливија Кембел e 15-годишно девојче убиенo за време на нападот, изјави нејзината мајка. „Почивај во мир мое мило и скапоцено девојче. Оливија Кембел беше земена многу далеку за да пее со ангелите и да продолжи да се смее. Мама премногу те сака“, напиша нејзината мајка на социјалните мрежи.
Џон Аткинсон е 26-годишен танчер кој во времето на нападот ја напуштал Арената. Од групата во која тој танцувал велат дека Аткинсон бил среќна и културна личност.
Алисон Хов и Лиса Лис се двете мајки ги чекале своите ќерки тинејџерки за време на експлозијата. Двете се водеа за исчезнати по нападот.
Софи Роуз Русос е најмалата жртва во страшниот терористички напад. Нејзиниот наставник Крис Аптон изјави дека Софи била прекрасно мало девојче во секој аспект, додавајќи дека сите ја сакале. Девојчето првпат отишло на концерт со мајка си и сестрата, кои се повредени во нападот и префрлени во болница, а на Софи оттогаш ѝ се губи секоја трага. По 24-часовната потрага на полицијата и стотина луѓе, осумгодишното девојче е пронајдено, но за жал меѓу жртвите на нападот.
Ѓоргина Каландер е првата жртва која беше идентификувана. Таа е 19-годишна и била суперфан на Аријана Гранде. Таа дури имала и можност да се запознае со Гранде во 2015 година.
Мартин Хет е последната идентификувана жртва.