Тројца пријатели од Норвешка поставија нов светски рекорд откако за 24 часа физички успеале да посетат 19 држави, меѓу кои и Македонија, јави дописникот на МИА од Прага.
– Земавме под наем три автомобили. Најпрво отидовме од Грција во Македонија, потоа летавме од Скопје до Белград, со друг автомобил се возевме од Србија во Австрија. Од Виена до Дизелдорф патувавме со авион и од таму дојдовме во Лихтенштајн, ја опиша за чешките медиуми, кратко маршрутата Гунар Гарфорс.
Тој заедно со своите другари Овин Дјупвик, Тај-јанг Пак, патувањето го почнале на 22 септември на полноќ и ги поминале Грција, Бугарија, Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Босна, Словенија, Австрија, Унгарија, Словачка, Чешка, Германија, Холандија, Белгија, Луксембург, Франција, Швајцарија и Лихтенштајн, точно за период од 23 часа и 33 минути.
Ова не е нивен прв обид, претходно се обидоа истото да го направат во мај, но само успеаја да го повторат претходниот рекорд од 2012 година, што го држеа четворица пријатели кои патуваа низ 17 земји за 24 часа.
Според нивните кажувања патувањето поминало одлично иако имале проблеми со временските услови, кои ги спречиле од Швајцарија да заминат за Италија која би била 20 земја помината за еден ден.