Тројца повредени во две сообраќајки во Тетово

Три лица, од кои едно петгодишно девојче, се повредени во две сообраќајни несреќи што во текот на четвртокот се случиле во Тетово, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци девојчето по потекло од тетовското село Лавце било повредено додека одело пешки при што било удрено од патничко возило „опел астра“ со тетовски таблички управувано од 31-годишниот П.В. од Фалише. Несреќата се случила околу пладне на улицата „Тодор Циповски-Мерџан“ во Тетово.

„Повреденото девојче со друго возило било пренесено во тетовската болница и по укажаната лекарска помош било пуштено дома. Извршен е увид, а причина за несреќата првично е неприлагодена брзина односно пребрзо возење“, рече Јосифовски.

Втората сообраќајка се случила вчера навечер околу 20 часот на улицата „146“ во Тетово. Во неа учествувале патничко возило „Сузуки свифт“ со тетовски регистерски таблици, што го управувал тетовецот Ф.Џ.(29) и скутер „јијинг“ со скопски таблички управуван од тетовецот Б.И.(44) а на кој се наоѓал и сопатникот Е.И.(24) исто така од Тетово.

„Во судирот возачот на скутерот и неговиот сопатник се здобиле, со тешки телесни повреди. Првиот скршеница на левото рамо и стопало на левата нога, а вториот телесни повреди. Двајцата со друго возило биле пренесени во тетовската клиничка болница, укажана им е помош и пуштени се на домашно лекување“, рече Јосифовски.

Извршен е комплетен увид и се утврдува причината и се друго поврзано со несреќата. Првично причина е недржење прописно растојание.