Тројца приведени за убиството во Чаир

Приведени се три лица осомничени за вчерашното убиство на момче во Чаир, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Работиме интензивно со групата на СВР Скопје и Обвинителството. Најдено е возилото „југо“ од кое е извршено убиството, како и 20 чаури и четири зрна, два мобилни телефона. Се разговара и со роднините, пријателите и луѓето кои биле во контакт со убиениот -истакна Спасовски при посетата на полицискиот центар за обука во Идризово.

Според него, се очекува во текот на истрагата да се дознаат мотивите на извршителот и да се обезбедат докази во однос на извршителот.

Министерот посочи дека овие настани не можат да се превенираат ниту со присуство на полицајците на улиците. Нивна работа, нагласи Спасовски, е да бидат експедитивни, а не селективни и да пристапуваат кон сите случаи ефикасно за нивното откривање.

Уште еднаш повтори дека полицијата работи на откривање и приведување на извршителите на убиствата кои се случија во изминатиот месец. Потсети дека се знае кој е убиецот на младиот Мартин Јанушев, но се работи на негово обезбедување, како и на откривање на убиствата во Струга и Чаир.

МИА