Tрошењата на државата на увид на јавноста преку веб платформата „Отворени финансии“

Трошењата на државните пари од денеска се на увид на јавноста. Преку веб платформата „Отворени финансии“ може да се погледнат сите плаќања на државните институции и примателите на средствата. Достапни се трошењата од 2010 година наваму, а во иднина ќе се објавуваат податоците на 15 дена.

Новата веб-платформа „Отворени финансии“ ја презентираа денеска премиерот Зоран Заев, министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

– Денеска ставаме финансиски податоци за над 12,5 милиони трансакции. Стандардите се поставени. Од денеска, па натаму секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакции во рекордно време ќе биде јавно достапна на увид секоја трансакција во сите државни институции за сите граѓани во државата, рече премиерот.

Според премиерот, отворањето на трезорот и сите податоци во него е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните.

-Граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на институциите и да согледуваат дали некоја институција форсира поедин економски оператор или компанија или префрлува пари на едни исти физички лица за различни работи и сл. Потоа, преку Законот за пристап до информации од јавен карактер можат да се обратат до институцијата и да побараат дополнително повеќе информации доколку наидат секако на сомнителна трансакција, потенцира премиерот.

Според министерката за финансии Нина Ангеловска, ова претставува декласифицирање на податоците за трансакциите на буџетските корисници и се покажува дека имаме инститиуционален капацитет за големи демократски чекори.

-Заложбата на оваа Влада за ефикасно, транспарентно и ефективно управување со јавните финансии станува реалност. Овој чин е уште поважен бидејќи е чекор напред кон европскиот пат, додаде Ангеловска.

Министерот Роберт Поповски оцени дека оваа платформа е само лигичен чекор и една од низата мерки што ги презеде Владата кога ја иницираше програмата за политички и демократски реформи за да ја врати довербата на граѓаните во инститиуциите на системот. Тој посочи и на податокот дека земјава заедно со Црна Гора е лидер во регионот според индексот на отвореност кој изнесува 78 проценти во однос на исполнување на индикаторите.

Во првата фаза на платформата „Отворени финансии“ е планирано да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основниот буџет – министерствата, агенциите, управите итн, како и социјалните фондови. Се очекува со пристапт на граѓаните и граѓанското општество до информациите за располагање со буџетските средства да поттикнува нивно разумно и одговорно трошење.

Во втората фаза, ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локалната самоуправа и нивните буџетски институции кои треба да дадат согласност претходно преку советот на секоја општина.

Платформата е изработена од Министерството за финансии со поддршка од Меѓународниот републикански институт – ИРИ и УСАИД.