Кибернетичкиот криминал и другите видови саботажи ги чинеа германските компании околу 267 милијарди евра минатата 2023 година, што е за 29 отсто повеќе од претходната 2022 година, покажа истражувањето на индустриското здружение Bitkom.
Истражувањето било спроведено на околу илјада компании од сите сектори и покажало дека 90 отсто од нив очекуваат повеќе сајбер-напади во следните 12 месеци, додека останатите 10 отсто очекуваат исто ниво на напади како минатата година.
Приближно 70 отсто од компаниите кои биле цел ги припишуваат овие напади на организираниот криминал, покажа истражувањето.
Околу 81 отсто од нападнатите компании пријавиле кражба на податоци, вклучувајќи податоци на корисниците, податоци за пристапувања и најавувања и лозинки, како и интелектуална сопственост како што се патенти.
Околу 45 отсто од компаниите рекле дека би можеле да ѝ припишат барем еден напад на Кина, што е повеќе од 42 отсто отколку претходната година. Нападите за кои е обвинета Русија се на второто место со 39 отсто.
„Ризикот за германската економија се зголемува“, вели претседателот на Bitkom, Ралф Винтергершт, додавајќи дека компаниите мора да ги зајакнат своите заштитни мерки.
Поради зголемениот број напади, компаниите почнале да издвојуваат 17 отсто од својот ИТ буџет за дигитална безбедност, во споредба со 14 отсто една година порано.
Но, само 37 отсто од нив имаат план за брз одговор во случај на безбедносен инцидент во нивниот синџир на снабдување, според истражувањето објавено во средата.